Изгледа дека ќе се случи незамисливото. Лионел Меси на денешната средба со управата соопштил дека сака да ја напушти Барселона уште ова лето. Информациите ги потврдија неколку шпански медиуми, капитенот донел одлука да бара нов клуб една сезона пред да му истече договорот.
Меси наводно има клаузула во својот договор со Каталонците која му озвозможува своеволно да ја прекине соработката кога и да посака, па најавите се дека ќе го стори токму тоа, што значи дека Меси ќе биде слободен играч. Неговата одлука е конечна, како потврда за тоа се информациите дека Меси нема да ги почне подготовките со тимот во пресрет на новата сезона.
Овој потег сигурно ќе ја потресе фудбалска Европа и може да се очекува интензивни напади од неколку гиганти за потписот на можеби најдобриот фудбалер на светот. На полни 33 години и по 33 освоени трофеи на „Камп ноу“, Меси по цели 17 години ќе ја напушти Каталонија и ќе носи дрес на клуб кој не е Барселона, првпат во кариерата.