Аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси е сè подалеку од потпис на нов договор со ПСЖ и сè поблиску до враќање во Барселона.
Шпанскиот новинар Жерар Ромеро објави дека Меси не е убеден дека ПСЖ е вистинскиот проект за него, а згора на тоа, не е задоволен од понудата што ја подготвија Светците за новиот договор.
Неговите зборови ги потврди и влијателниот „Лекип“, кој пишува дека таткото на Лео, Хорхе Меси, имал состанок со претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, и од него си заминал незадоволен бидејќи сметал дека неговиот син треба да ја задржи актуелната плата од 40 милиони евра и со новиот договор. Ал-Келаифи, пак, понудил 10 милиони помала годишна плата.
Наводно, новата рунда на преговори ќе се одржи по реваншот на ПСЖ против Баерн Минхен во осминафиналето од Лигата на шампионите, по што ќе биде донесена конечна одлука за иднината на Аргентинецот.