Меси е спасител на Аргентина, драматична победа на Уругвај

Лионел Меси со гол од пенал донесе минимална победа на Аргентина од 1:0 во дуелот против Еквадор. Ова беше меч од првото коло од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар, кое треба да се игра во 2022 година.

Гаучосите беа големи фаворити на свој терен против Еквадор, но и покрај доминацијата, мораа да се спасуваат со гол од пенал. Уште во 13-тата минута беше досудена најстрога казна за Аргентина, а капитенот Меси не згреши. Тоа се покажа и како клучен момент на средбата.

„Знаевме дека вопшто нема да биде лесно. Најважно е дека победивме на стартот затоа што знаеме колку се тешки квалификациите за СП. Помина речиси една година од последниот пат кога игравме за репрезентативниот дрес и кај сите постоеше блага нервоза. Мило ми е што се вратив во Аргентина и што победивме за да им дадеме малку причина за радост на сите луѓе во оваа тешка година“, рече Меси по мечот.

Освен Меси, гол од пенал даде и неговиот пријател и неодамнешен соиграч од Барселона, Луис Суарес. Уругвај со 2:1 славеше над Чиле, и тоа со гол во 93-тата минута. Суарес погоди од белата точка за 1:0 во 39-тата минута, но гостите израмнија преку Алекс Санчез во 54-тата минута. Се играше третата минута од судиското надополнување, кога Гомес донесе радост за Уругвај.

Во третиот меч кој ноќеска се играше во јужноамериканските квалификации, Парагвај и Перу ремизираа 2:2. Вечерва играат: Колумбија – Венецуела и Бразил – Боливија.

 

- Оглас -

Најнови вести