Меси еднаш го носеше дресот на Атлетико Мадрид

Дербито помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид кое се игра попладнево на „Камп Ноу“ има многукратно значење. Ако има победник, тој тим ќе направи важен чекор кон титулата во шпанската лига, а со нерешено двата тима остануваат во борба, но ќе мора да чекаат кикс на Реал Мадрид утре или во некое од последните три кола.

Средбата е посебно значајна за Луис Суарес и Антоан Гриезман. Уругваецот кој е трети стрелец во историјата на Барселона, летоска се пресели во Атлетико, а Французинот преклани од Атлетико за големи пари прејде во каталонскиот тим. На Гриезман кој е во одлична форма во последно време, нема да му биде проблем да прослави доколку даде гол против својот екс клуб во кој се прослави. Суарес вели дека не знае како ќе му реагира телото и инстинктот ако постигне гол против довчерашниот клуб.

Суарес одлично ја почна сезонава и во Барса веројатно зажалија што лесно се откажаа од него, но тој има пад во формата и денеска на првиот меч против Барселона може да му донесе голем триумф на Атлетико. На стадион нема да бидат луѓето на кои Суарес најмногу им се лути (поранешниот претседател Бартомеу и тренерот Куман) бидејќи се откажаа од него, и тоа е олеснителна околност за домашните.

Јорганџиите никогаш не победиле на „Камп Ноу“ на лигашки меч откако тренер им е Диего Симеоне. Атлетико не победил на гости кај Барса уште од 2006 година. Тогаш пред 15 години во составот на Барса беше Лионел Меси. Овојпат Атлетико треба најмногу да се плаши од Меси, а интересно е што во јуни 2009 година, во Росарио, Меси го носеше дресот на Атлетико на еден хуманитарен натпревар на кој играше за тимот на Макси Родригес. Меси има 32 гола на 42 средби против Атлетико.

- Оглас -

Најнови вести