Лионел Меси во екслузивно интервју за каталонскиот медиум „Спорт“, посочи дека ја презема одговорноста за своите грешки кои резултираа со голема драма во Барселона по што се избегна најтрагичното заминување од еден клуб во историјата на фудбалот.
Меси остана, ја почна новата сезона со Каталонците, па веќе брои и еден гол во победата над Вилјареал од 4-0. Откако го нападна раководството на клубот и посочи кој е најголемиот виновник за распадот на организацијата, Меси овојпат одлучи да ги закопа секирите и да стави крај на „војната“.
„Би сакал да ставам крај на целата непријатна ситуација. Мора да се држиме заедно доколку сакаме да ни се остварат целите. Преземам одговорност за сè што реков или направив, верувајте ми дека тоа го правев во интерес на Барселона. Навивачите треба да знаат дека никогаш не би му наштетил на клубот кој го сакам“, посочи Меси.