Аргентинската фудбалска федерација успеа да издејствува Лионел Меси да добие право на настап на наредниот официјален меч на Гаучосите во октомври, иако беше исклучен на претходниот дуел и тоа автоматски треба да значи суспензија.
Меси поради конфликт со Гари Медел, доби црвен картон на мечот против Чиле, во битката за третото место на Копа Америка минатото лето. Аргентина оттогаш нема играно официјални, туку само пријателски средби.
Аргентинците се жалеа, според нив целата работа им ја наместиле Бразилците и го добија спорот со оглед на тоа дека „со помош на корона-вирусот“, помина повеќе од една година (во правилата има и точка дека по една година „застарува делото“). Меси сепак доби право да се појави на „Бомбониера“ во Буенос Аирес на октомврискиот дуел со Еквадор од квалификациите за СП 2022.