Меси и Суарес го одведоа Интер Мајами до голем успех (Видео)

Лионел Меси и Луис Суарес беа големите херои за Интер Мајами при победата од 2:3 во драматичниот дуел со Колумбус Кру во 32-рото коло од регуларната сезона во МЛС лигата. Аргентинецот постигна два гола во победата на својот тим, а Уругваецот го додаде третиот, со што го обезбедија освојувањето на титулата во регуларната сезона.

Интер Мајами поведе во 45-тата минута токму со гол на Меси. Тој доби долго додавање пред казнениот простор, се извлече меѓу двајца одбранбени играчи и погоди за 0:1.

Во дополнителното време од првото полувреме, Аргентинецот ја удвои предноста на гостите со одлично изведен слободен удар.

Диего Роси ја врати неизвесноста на почетокот од второто полувреме, намалувајќи на 1:2, но Интер Мајами повторно поведе со два гола разлика во 48-мата минута, кога по груба грешка на голманот, Луис Суарес со глава ја испрати топката во празната мрежа.

Во 61-вата минута, Колумбус Кру повторно ја врати неизвесноста со гол од пенал на Кучо.

Две минути подоцна, сепак залетот на домаќините беше запрен од Руди Камачо, кој доби втор жолт картон и беше исклучен.

На крајот, Интер Мајами ја осигура победата и со 68 бода веќе е сигурен шампион на Источната конференција, зголемувајќи ја предноста на 11 бода пред Колумбус кру, кој е на втората позиција со 57 бода.


До крајот на регуларната сезона остануваат уште две кола. Во Западната конференција води Лос Анџелес галакси со 61 бод и исто така не може да ги исфрли Меси и друштвото од врвот.

Аргентинецот може да се пофали со признанието „Сапортерс Шилд“, што е второ во неговата кариера во МЛС-лигата.

- Оглас -

Најнови вести