Репрезентацијата на Аргентина убедливо со 6:0 ја победи Боливија во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година, а главна ѕвезда на теренот беше Лионел Меси. Аргентинскиот виртуоз по пауза од 334 денови се врати во репрезентативниот дрес и блесна. Постигна три гола, а имаше и две асистенции.
Со овие три гола Меси стигна до вкупно 846 голови во кариерата, а 110 погодоци во репрезентативниот дрес со што го надмина Иранецот Али Деија кој беше на второто место на најдобри стрелци на репрезентативно ниво. Пред Меси сега останува само Кристијано Роналдо кој има 132 голови за Португалија.
Меси со овој хет-трик против Боливија сепак успеа да израмни еден рекорд на Роналдо. Аргентинецот стигна до 10-тиот хет-трик во репрезентативниот дрес, колку што има и Роналдо.
Од овие 10 хет-трика за Аргентина, три се во квалификациски дуели, еден е на Копа Америка, а шест на пријателски дуели. Роналдо 10-те хет-трика ги има еден на Светско првенство во 2018, пет во квалификациски дуели за Мундијал, три во квалификации за ЕП и еден во Лигата на нации.