Аргентинскиот репрезентативец Лионел Меси на крајот од сезоната ќе стане слободен играч бидејќи ќе му заврши договорот со ПСЖ и досега официјално доби само една понуда, и тоа е понуда која најмалку ја посакува.
Француските медиуми откриваат дека првиот тим кој доставил понуда до Меси е токму ПСЖ, и тоа за едногодишен договор. Финаниските детали не се познати, но француските медиуми се сомневаат дека Меси ќе ја прифати бидејќи сака да си оди од „Паркот на принцовите“.
Аргентинецот е незадоволен во ПСЖ, иако амбициите беа да се оди до самиот крај во Лигата на шампионите, екипата беше елиминирана во осминафиналето од Баерн Минхен, а пред десетина дена, незадоволен од работата и тактичките замисли на тренерот Кристоф Галтие, Меси го напушти тренингот на екипата.
Интерес за Меси пројавува Барселона, чиј претседател Жоан Лапорта, но и навивачите се надеваат дека Аргетинецот ќе се врати во тимот во којшто помина 20 години и на „Камп ноу“ ќе ја заврши кариерата.
Но, проблем за Барселона претставуваат финансиските проблеми и долговите кои на почетокот од сезоната изнесуваа околу милијарда евра.
Се шпекулира дека интерес за Меси постои и од неколку екипи од МЛС-лигата, како и од Ал-Хилал, но засега нема ниту една официјална понуда од овие тимови.