Кристијано Роналдо уште еднаш потврди дека е вистински лидер на португалската репрезентација. Капитенот на европскиот првак одигра на врвно ниво против Литванија постигнувајќи три гола во убедливиот триумф од 6:0.
За Роналдо тоа беше осми хет-трик на репрезентативно ниво, а вкупната бројка на голови за Португалија му е 98. На Кристијано му недостасуваат уште 11 погодоци за да го достигне светскиот рекорд на Али Даеи, кој за Иран има постигнато 109 голови.
Освен 98 голови, Роналдо има и 37 асистенции во репрезентативниот дрес во вкупно 163 меча. Колку за споредба, најголемиот ривал на Роналдо, Лионел Меси е многу далеку од репрезентативните постигнувања на Португалецот. Капитенот на Аргентина има 135 меча за Гаучосите, а постигнал 68 погодоци.
Неверојатно делува фактот дека Роналдо во 2019 година има постигнато 12 голови за националниот тим, а Меси во последните три години за Аргентина се радувал на 11 погодоци.
„Кристијано е најдобар во светот. Никогаш не е заситен од победи. Секогаш сака повеќе и затоа е на тоа ниво на коешто е сега“, рече Марио Руи, соиграчот на Роналдо во репрезентативниот дрес.