Лионел Меси вечерва беше промовиран како нов фудбалер на Интер Мајами. Меси потпиша договор на две и пол години и од Интер Мајами ќе добива меѓу 50 и 60 милиони долари по сезона, а ќе заработува и од спонзорите.
Епл ќе му плаќа процент од продадените ТВ права на сите Епл уреди, додека Адидас ќе му плаќа процент од продадените дресови со негово име.
https://twitter.com/MLS/status/1680279910537998336?s=20
„Возбуден сум што во Интер Мајами ќе биде мојот следен чекор во кариерата. Ова е одлична можност заедно да продолжиме да градиме неверојатен проект. Идејата е да работиме заедно и да ги оствариме зацртаните цели, и едвај чекам да почнам да помагам тука“, се првите зборови на Меси кои ги објави клубот во соопштението.
Меси последните две сезони ги помина во ПСЖ, а летово откако стана слободен играч се шпекулираше дека ќе се врати во Барселона. Но, поради проблемите со финансискиот фер-плеј, Меси одлучи наместо во Каталонија, да се пресели во САД и МЛС-лигата.
Најзаслужен за доаѓањето на Меси во Интер Мајами е косопственикот на тимот, Дејвид Бекам.
„Кога го започнав проектот Интер Мајами пред десет години, реков дека мојот сон е да ги донесам најдобрите фудбалери на светот. Денеска ми се оствари сонот“, изјави Бекам.
Официјалната промоција пред навивачите ќе се одржи утре на стадионот во Форт Лодердејл, а прес-конференцијата е закажана за понеделник. Првиот тренинг како играч на Интер Мајами, Меси ќе го има в вторник.