Бразилскиот фудбалер Нејмар со екипата на ПСЖ е на турнеја во Азија и таму веројатно ќе одигра некој контролен натпревар, но со нетрпение чека да биде продаден. Нејмар искажа желба да се врати во Барселона, но Барса ги нема парите кои ги бара парискиот клуб за да го ослободи играчот кој преклани го купи за 222 милиони евра.
Сите досегашни понуди за Нејмар се одбиени, но според шпекулациите, Барселона нема да престане со обидите. Се зборува дека најголем поборник за враќање на Нејмар е првата ѕвезда Лионел Меси. На Меси не му е по желба доведувањето на Антоан Гриезман, кому уште не му испратил порака и не му посакал добредојде во клубот, но сонува повторно да игра во тандем со Бразилецот.
Неофицијално, Меси на управата ѝ предложил да ги продаде Иван Ракитиќ, Самуел Умтити и Усман Дембеле, кои играат на позиции на кои тимот е добро покриен. Со парите од продажбата на нив тројца, би се собрале пари за купување на Нејмар, сметал Меси.