Лионел Меси во интервју за каталонскиот „Спорт“, меѓу другото, зборуваше и за својот престој во ПСЖ, каде што е познато дека не помина добро.
Аргентинецот играше за парискиот клуб од 2021 до 2023 година, освојувајќи три домашни трофеи.
„Можеби изгледа како Париз да е пекол, но не беше. Кога велам дека се чувствував лошо, мислам дека не бев задоволен од она што го правев таму и од она што го сакам: играв фудбал, си ја вршев дневната рутина, тренирав. Но, едноставно се чувствував лошо. Да бидам искрен, имавме добро искуство како семејство, градот е неверојатен, уживавме во него. Ја напуштавме Барселона за првпат и сè ни беше ново, па затоа беше многу тешко. Во Мајами добро ни оди, уживаме во градот, во нашиот секојдневен живот. Живееме далеку од градот, Мајами е прекрасен, но сообраќајот е премногу интензивен“, рече Меси.
Меси, кој е прв стрелец во историјата на Барселона, призна дека сонува да се врати во каталонската престолнина и повторно да живее таму со своето семејство. Меси неодамна го продолжи договорот со Интер Мајами до крајот на 2028 година.
„Со нетрпение очекувам да се вратам во Барселона. Многу ни недостига Барселона. Сопругата, децата и јас секогаш зборуваме за Барселона, за тоа како повторно ќе живееме таму. Имаме куќа таму и сè“, вели еден од најдобрите фудбалери во историјата и икона на Барса.

