Ѕвездата на ПСЖ и на аргентинската репрезентација, Лионел Меси, изјави дека Барселона засекогаш ќе остане негов дом.
Меси, кој со Аргентина во декември триумфира на Светското првенство, во интервју за магазинот „Оле“ рече дека сите трофеи и сувенири што ги доби и ги освои во Катар, ќе ги однесе во домот во Барселона, каде што планира да живее по завршување на кариерата.
„Ги чувам сите работи од финалето, копачките, дресот и сè што го има аргентинскиот грб и во март ќе ги однесам во Барселона, каде што ги чувам сите сувенири. Кога ќе ја завршам кариерата, ќе се вратам во Барселона, тоа е мојот дом“, изјави Меси.
Оваа изјава ги израдува навивачите на Барселона, кои сè уште се надеваат дека Меси последните моменти од кариерата ќе ги помине како член на каталонскиот тим иако моментно настапува за ПСЖ.
Тој сè уште не одлучил каде ќе ја продолжи кариерата, во игра е потпис на нов договор со ПСЖ, заинтересиран е и Интер Мајами, а се шпекулира и со враќање во Барселона. Сепак, Меси, во интевјуто не даде одговор кој ќе биде неговиот следен чекор.
„Наскоро ќе наполнам 36 години и сакам да видам во која насока оди мојата кариера, а одлуката ќе зависи од разни работи“, одговори Меси.