Барселона имала понуда од неверојатни 250 милиони евра уште во 2006 година за да го продаде Лионел Меси, објави тогашниот претседател на клубот Жоан Лапорта.
Интер бил клубот што понудил сума која и сега би била најголема во историјата на фудбалот ако се случел трансферот. Моментно рекордот го држи Нејмар со трансфер вреден 222 милиони евра при преселбата од Барселона во Пари Сен Жермен во 2017 година.
„Масимо Морати ми понуди 250 милиони евра уште во 2006 година. Сепак, ние верувавме во Меси и одбивме да го продадеме. Таткото на Лео дојде да се посоветува со нас. Ме праша што да правиме, а јас само му одговорив дека постои само еден клуб каде што неговиот син може правилно да се развива. Очигледно е дека не погрешивме“, вели Лапорта.
Тој беше претседател на Барселона од 2003 до 2010 година, а сега најавува повторно кандидатура за испразнетото место по заминувањето на Жозеп Бартомеу.
„Само од љубов кон Барселона се приклучив во трката за претседател. На клубот му требаат промени, а јас имам искуство и план како да го сторам тоа“, изјави Лапорта.
Тој е еден од најуспешните претседатели во 121-годишната историја на клубот. Со Лапорта како прв човек Барселона освои три од петте титули во Лигата на шампионите, стигнаа и пет пехари од Ла Лига, четири во шпанскиот Суперкуп, еден во Копа дел Реј и исто толку во Суперкупот на Европа и на светскиот клупски куп.