Аргентинскиот фудбалски мајстор Лионел Меси во професионалната кариера има постигнато речиси 700 голови, а кога го запрашаа кој му е омилен гол, тој одговори дека тоа е погодокот во финалето на Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Манчестер јунајтед, на средбата одиграна на 27 мај 2009 година во Рим. Каталонците победија со 2-0, а Меси го даде вториот гол против тимот за кој настапуваше Кристијано Роналдо.
Меси е низок и играта со глава му е послаба страна, но против Црвените ѓаволи во Рим погоди токму со глава.
„Беше тешко да се замисли дека ќе се најдам во прилика да дадам гол со глава покрај еден дефанзивец каков што е Рио Фердинанд. Забележав дека на момент сум подзаборавен и имав време да упатам удар каков што треба. Кога Чави нафрли, предвреме видов како постигнувам гол и фала богу, тоа се оствари“, вели Меси.
Тоа беше прво финале во ЛШ за Меси. Барселона и три години претходно стана европски првак, но тогаш Меси беше повреден и не играше во финалето против Арсенал.
„Го пропуштив финалето со Арсенал и за мене посебно доживување беше дуелот на Олимпико. Тој гол, тој трофеј, беа круна на сезоната во која освоивме сè“, додава најдобриот светски фудбалер.