Меси откри за која екипа сака да игра: „Отсекогаш сум размислувал за таа идеја“

Најдобриот фудбалер на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси, летово како слободен фудбалер се пресели од ПСЖ во американскиот Интер Мајами, и тоа во моментов се покажува како вистински чекор. Светскиот шампион со Аргентина за Интер одигра 12 натпревари, на коишто постигна 11 гола, а петпати беше асистент, но и го освои трофејот од Лига купот на Северна Америка.

Тој во интервју за американските медиуми откри за кој клуб сака да настапува после завршувањето на договорот со Интер Мајами.

„Отсекогаш размислував за една идеја, а тоа е да уживам во аргентинскиот фудбал играјќи за Њуелс како светски шампион“, вели Меси.

Тој додава дека воопшто не размислува за крај на кариерата.

„Не размислувам за тоа што ќе правам по кариерата. Сакам да го правам она во што уживам. Не размислувам за иднината. Ќе уживам колку што можам. Најмногу од сѐ сакам да играм фудбал“, додава Аргентинецот.

Лионел Меси за екипата на Њуелс олд бојс има тренирано од 1995 до 2000 година, но никогаш нема одиграно натпревар во сениорска конкуренција бидејќи како 14-годишно момче замина во Академијата на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести