Меси: Ова е мое последно Светско првенство

Селекцијата на Аргентина утре од 11 часот со дуелот против Саудиска Арабија го започнува настапот на Светското првенство во Катар, а на денешната прес-конференција, капитенот на Гаучосите, Лионел Меси, потврди дека ова ќе биде негов последен Мундијал.

Меси настапи на четири Светски првенства, во Германија во 2006 година, Јужна Африка во 2010 година, Бразил во 2014 година и Русија во 2018 година, а најблиску до титулата беше пред осум години, кога играше во финалето, но загуби од Германците со 1:0.

„Ова дефинитивно ќе биде моето последно Светско првенство и ова е моја последна шанса да го остварам сонот што го имаат сите соиграчи. Мундијалот се одржува во различно време од вообичаеното, и тоа кога сите фудбалери имаат одиграно доста натпревари. Но, секогаш е посебно да се игра на Светското првенство“, изјави Меси.

Во групата Ц, освен Аргентина и Саудиска Арабија, се уште Мексико и Полска.

„Се надеваме дека ќе продолжиме да играме како што игравме досега. Очекуваме дека дуелот со Саудиска Арабија ќе биде тежок бидејќи секогаш е така на отворањето на СП. Ако почнеме со победа, ќе бидеме посмирени во продолжение од Мундијалот, имаме голема поддршка и тоа ме потсетува на 2014 година, кога стигнавме до финалето“, изјави Меси.

Лионел Меси во дресот на аргентинската репрезентација дебитираше во 2005 година, како 18-годишно момче на пријателскиот натпревар против Унгарија. За Гаучосите одигра 165 натпревари и постигна 91 гол.

- Оглас -

Најнови вести