Лионел Меси има две желби и сака во редовите на Барселона повторно да го види Бразилецот Нејмар и со него на „Камп ноу“ да пристигне и неговиот сонародник, Аргентинецот Лаутаро Мартинес.
На остварување на една од неговите желби, Каталонците работат интензивно и Лаутаро е многу поблиску до трансфер од Интер во Барса отколку што во моментов е камбекот на Нејмар.
Барселона преговара со Нераѕурите за да го доведе 22-годишниот сонародник на Меси уште ова лето, а според последните информации, италијанскиот гигант бара 90 милиони евра и двајца играчи за да дојде до договор и Мартинес да биде нов играч на лидерот во шпанското првенство.
„Лаутаро е импресивен напаѓач и верувам дека со помош на Суарес, ќе биде уште подобар и лесно би се вклопил во системот на игра на Барселона. Иако има само 22 години, веќе е комплетен играч, силен, со одличен дриблинг, знае да постигне гол, но и да ја сочува топката. Ќе видиме што ќе се случи, но би било одлично да дојде во Барселона“, изјави Меси.
Лаутаро особено добро игра сезонава во Серија А и до прекинот на италијанското првенство поради корона-вирусот постигна 11 голови, или вкупно 16 во сите натпреварувања.