Лионел Меси и Луис Суарес цели шест години беа одлично напаѓачко дуо во дресот на Барселона, но таа соработка заврши. Уругвајскиот голгетер буквално беше избркан од клубот за кој даде 198 погодоци и е трет на вечната листа на стрелците.
Суарес и Меси не само што беа одличен тандем на теренот туку и станаа неразделни пријатели на приватен план. Нивните семејства заедно одеа на вечери, одмори и постојано се дружеа. На заминување од „Камп ноу“, Суарес се фотографираше со сите трофеи кои ги освои, а рече и дека ќе му биде многу тешко без Меси во нападот, затоа што воспоставиле одлична конекција.
Меси денеска преку социјалните мрежи напиша писмо во кое побара челниците на Барселона да си заминат затоа што тие требало да си одат од клубот, а не Суарес.
„Заслуживте да добиете откази по сè што направивте. Луис е еден од најдобрите фудбалери во историјата на клубот кој направи многу работи како на индивидуален така и на клупски план. Не заслужи така да биде избркан. Сепак, во Барселона веќе ништо не ме изненадува“, напиша Меси, а потоа објасни какво пријателство имал со Суарес.
„Кога влегов денеска во соблекувалната, очекував вообичаена секојдневница, но останав изненаден. Многу тешко ќе ми биде што веќе нема да те гледам секој ден како на тренинзите така и на теренот. Многу ќе ми недостасуваш. Заедно во тимот поминавме многу години, имавме многу заеднички вечери, заедно запознавме многу нови луѓе. Никогаш нема да ги заборавам нашите дружења. Ќе ми биде чудно да те гледам во друг дрес, а уште почудно дека ќе треба да се соочиме еден против друг на теренот. Заслужуваше да имаш простување како легенда на клубот. Ти посакувам сè најдобро во следните предизвици. Се гледаме наскоро пријателе“, напиша Меси.