Ждрепката за групите во елитното фудбалско натпреварување во Европа, Лигата на шампионите, одреди во иста група да се најдат Барселона и Јувентус, што значи дека за првпат во историјата на ЛШ еден против друг во групна фаза ќе играат најдобрите стрелци во историјата на ова натпреварување и децениски ривали, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
И другите два најголеми шпански клубови добија по еден гигант за ривал. Реал ќе треба да игра со Интер, кој беше најзвучно име од оние тимови од третиот шешир, а Атлетико против Баерн. Четворицата дебитанти се најдоа во групи со англиски тимови.
Ова е составот на осумте групи:
Група А: Баерн Минхен, Атлетико Мадрид, Салцбург, Локомотив Москва.
Група Б: Реал Мадрид, Шахтар, Интер, Борусија Менхенгладбах.
Група Ц: Порто, Манчестер сити, Олимпијакос, Марсеј.
Група Д: Ливерпул, Ајакс, Аталанта, Митјиланд.
Група Е: Севилја, Челзи, Краснодар, Рен.
Група Ф: Зенит, Борусија Дортмунд, Лацио, Бриж.
Група Г: Јувентус, Барселона, Динамо Киев, Ференцварош.
Група Х: ПСЖ, Манчестер јунајтед, Лајпциг, Башакшехир.
Првото коло треба да се игра на 20 и 21 октомври, а групната фаза завршува на 8 и 9 декември. Финалето е закажано за 29 мај 2021 година во Истанбул.
УЕФА ги додели и наградите за најдобрите во минатата сезона. Секако, доминираа фудбалерите на првакот Баерн Минхен. Голман на сезоната е Мануел Нојер, најдобар дефанзивец е Џошуа Кимих, најдобар напаѓач е Роберт Левандовски. Во ова баварско друштво се „протна“ само Кевин де Бројне од Манчестер сити, кој беше прогласен за најдобар играч од среден ред.