Капитенот на националниот тим на Аргентина, Лионел Меси, изјави дека се надева дека ќе може да игра на Светското првенство во фудбал следната година.
Напаѓачот на Интер Мајами, кој е единствениот осумкратен носител на „Златната топка“, рече за „ЕСПН“ дека се надева дека ќе може да ѝ помогне на Аргентина да ја одбрани светската титула што ја освои во Катар пред три години.
Гаучосите вечерва ќе ги дознаат противниците во групната фаза на Мундијалот, кој ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
„Се надевам дека ќе можам да играм. Секогаш сум кажувал дека би ми било драго да бидам на теренот доколку моето тело издржи“, изјави поранешниот фудбалер на Барселона и на Пари Сен Жермен.
„Во најлош случај ќе ги гледам натпреварите во живо, но сигурно ќе биде нешто посебно да играм на турнирот. Светското првенство е посебно за секој човек и за секоја земја, но особено за нас во Аргентина затоа што ние тоа го доживуваме на сосема различен начин“, додаде Меси.
Меси настапил на пет светски првенства за Аргентина и е рекордер на земјата по бројот на натпревари (196) и по бројот на постигнати голови (115).

