Барселона e првиот патник во полуфиналето од Лигата на шампионите откако со убедливи 3-0 (вкупно 4-0) го совлада Манчестер јунајтед. Каталонците не само што ја задржаа минималната предност од првиот меч, туку и ја потврдија доминацијата, а сето тоа благодарение на расположениот Лео Меси.
Аргентинецот донесе двојна преднот за Каталонците по 20 минути игра, иако „црвените ѓаволи“ одлично ја отворија средбата.
Рашфорд уште во првата минута можеше да изненади и да израмни на вкупни 1-1, но Англичанецот ја погоди гредата од голот на Тер Штеген. Гостите потоа ја препуштија иницијативата на Барселона, а Меси за четири минути на двапати ги израдува домашните навивачи. Неколку минути пред првиот гол на Аргентинецот имаше спорна ситуација во која Барселона можеше да добие пенал во своја корист, но по консултација со ВАР-собата, судијата Феликс Брих одлучи да не го казни Јунајтед.
Во последната минута од првото полувреме, домаќините можеа да ја завршат работата. Во контранапад, Роберто се најде пред голот на Де Хеа, но шпанскиот голман одлично интервенираше иако ударот беше од непосредна близина.
Стартот на второто полувреме беше во контрола на избраниците на Валверде, а точка на натпреварот стави Кутињо во 61-вата минута со маестрален погодок од далечина.
Барселона утре ќе го добие противникот во полуфиналето, односно подобриот од двомечот меѓу Ливерпул и Порто, а „црвените“ по првиот дуел имаат сигурни 2-0.