Рекордерот по бројот на освоени Златни топки, Лионел Меси, одигра фантастичен меч во дресот на репрезентацијата на Аргентина против Боливија во победата од 6:0. Меси постигна хет-трик, а покрај трите гола, тој асистираше уште за два погодоци. Едноставно, популарниот Лео беше незадржлив иако има 37 години.
Меси, кој пред две години ја предводеше Аргентина до светската титула на Мундијалот во Катар, вели дека не може да процени уште колку време би можел да игра во репрезентативниот дрес. Тој потенцираше дека секој нареден дуел може да му е последен за националната селекција, но тоа не значи дека ќе биде чудо ако го видиме и на летното Светско првенство во 2026 година.
„Вистина е дека уште немам определено датум или краен рок за настап во репрезентацијата на Аргентина. Сега уживам во секој следен момент. Многу сум среќен што сум тука и уште ја чувствувам љубовта од луѓето кои ми ја даваат затоа што знам дека секој нареден меч може да ми е последен. Мило ми е што уште можам да му помогнам на тимот“, рече Меси по убедливата победа над Боливија.
Меси повеќе од две децении е дел од светската сцена. Дебитираше за Барселона во 2003 година, каде што играше до 2021 година. Со каталонскиот гигант десетпати беше првак на Шпанија, по седумпати се радуваше во Купот на Шпанија и Суперкупот на Шпанија, четирипати ја освојуваше Лигата на шампионите, а по трипати се радуваше на трофеите во Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство.
Потоа Меси направи трансфер во Пари Сен Жермен, каде што освои две титутли во првенството и една во Суперкупот. Со репрезентацијата на Аргентина освен светската титула на Мундијалот во Катар во 2022 година, има и трофеи од Копа Америка во 2021 и 2024 година.
Меси моментално е дел од тимот на Интер Мајами во САД и уште е незадржлив. Во 30 натпревари кои ги има одиграно во 2024 година, Меси има биланс од 25 погодоци и 16 асистенции. Тоа значи дека директно учествувал во постигнување 41 гол на 30 средби, односно има гол или асистенција за погодок на секои 59 минути поминати на теренот во 2024 година.