Навивачите на Интер Мајами подготвени се за ново шоу на нивниот стадион и очекуваат нова победа, предводени од Лионел Меси. Екипата која два месеци немаше победа, се препороди откако дресот го облече Лионел Меси. Со Меси на теренот, Интер Мајами победи во двата меча кои ги одигра, а Аргентинецот постигна три гола плус имаше и една асистенција.
Ноќеска, Меси и друштвото ќе играат против Орландо сити, дуел кој се најавува како дерби на Флорида во 16-финалето на Лига купот. Покрај Меси, во Интер веќе стандарден е и Серхио Бускетс, а вечерва деби може да има уште еден екс играч на Барселона, Жорди Алба.
Стадионот сигурно ќе биде полн, иако најефтиниот билет за овој меч е 140 долари.
Кога играат овие два тима, традицијата е на страната на Орландо. Интер Мајами има само една победа во последните девет дуели против Орландо, додека ривалот се радувал пет пати против Интер Мајами. Последен пат играа пред два и пол месеци која Орландо победи со 1:0 на теренот на Интер, но сега ситуацијата е поинаква и тимот предводен од Лионел Меси е фаворит.