Лионел Меси со својот Интер Мајами продолжува со настапите во домашното првенство, но и Лигата на шампиони во Северна и Средна Америка. Аргентинскиот виртуоз уште воодушевува каде и да се појави на теренот, а противничките одбрани уште стравуваат по неговите продори.
Иако за два месеци ќе наполни 38 години, Меси уште не размислува за пензионирање. Многумина го чекаат моментот кога Лео ќе објави дека ќе се врати во Барселона, но самиот фудбалер потврди дека тоа е невозможно.
„Имав намера да се вратам во Барса и да можам да се вратам на местото каде што отсекогаш сакав да бидам, но тоа веќе не беше можно. Донесовме семејна одлука. Фактот што го освоивме Светското првенство исто така имаше големо влијание. Бев јасен дека не сакам да бидам во друг тим во Европа, не сакав да одам во ниту еден од нив“, вели Меси.
Кога пред три години со својата Аргентина ја освои титулата на Светското првенство во Катар, Меси го исполни можеби најголемиот сон во кариерата, но тоа не значи дека нема да биде дел и од Мундијалот кој ќе се игра следната година.
„Не можам да побарам ништо повеќе во кариерата. Ми недостасуваше титулата на Светско првенство и тоа успеав да го остварам. Ги исполнив сите мои цели. Уште немам одлучено дали ќе играм на Светското првенство во 2026 година. Се ќе зависи од тоа како ќе одиграм оваа сезона“, додаде Меси.