Лионел Меси не добил официјална понуда за враќање во Барселона, а веќе се согласил да го продолжи договорот со Пари Сен Жермен за уште 1+1 сезона, што значи дека останува кај париските Светци барем до јуни 2024 година.
Ова го тврдат неколку новинари кои се блиски до Меси и Барселона. Првиот човек на Барса, Жоан Лапорта, често спомнува можно враќање на Лео, но ништо конкретно нема преземено во тој правец, а ПСЖ со сите сили се обидува да го задржи Аргентинецот, и изгледа успеа во тоа.
Меси верува дека во ПСЖ може да се бори и за Лигата на шампионите и за уште некоја „Златна топка“, а и семејството се навикнало на животот во Франција.
Од друга страна, Кристијано Роналдо кој непосредно пред Мундијалот во Катар остана без клуб, по раскинот на соработката со Манчестер јунајтед, имаше неуспешно Светско првенство и уште нема клуб.
Единствената понуда му е онаа финансиски лудата од Ал Наср од Саудиска Арабија. Желба на Роналдо е да остане во Европа, по можност во клуб од ЛШ, но тоа засега не е можно, сите го одбија. Јануарскиот преоден рок доаѓа наскоро, и Португалецот мора наскоро да одлучи дали ќе се пресели во С. Арабија или сепак ќе најде некој европски клуб кој ќе сака да го земе и да му ги прифати барањата.