Меси во кариерата не успеал да се радува само против два клуба, кои се тие?

Лионел Меси пред една година стана фудбалерот со најмногу победи во историјата на Барселона. На мечот против Бетис тогаш постигна хет-трик во триумфот од 4:1, што за него беше 477-ми триумф во дресот на каталонскиот гигант. За да го надмине рекордот на дотогашниот владетел Чави, на Меси му беа потребни 674 натпревари, речиси 100 помалку од тоа што одигра некогашниот „мозок“ на тимот од „Камп ноу“.

Меси во кариерата има неверојатна статистика и голем број рекорди, но има и такви клубови кои успеале да се одбранат од налетот на шесткратниот освојувач на Златната топка. Само против два клуба во кариерата Меси нема ниедна победа.

Првиот тим е третолигашот Граменет, кога Лео на теренот се појави како 17-годишник, а Барселона шокантно загуби со 1:0 и беше елиминирана од Купот на Шпанија. Вториот клуб против кој Меси нема победа е Наполи. Италијанскиот тим е противник на Барселона во осминафиналето од Лигата на шампионите, а првиот меч во Неапол заврши 1:1. Ако се знае дека никогаш претходно Аргентинецот не играл против ривалот од југот на Италија, тоа значи дека Наполи е вториот клуб кој не загубил од тим со Меси во составот. Ако продолжи сезоната во ЛШ, Меси ќе има можност на „Камп ноу“ со победа над Наполи да го стави во листата на покорени клубови, но и да ѝ донесе пласман на Барселона во четвртфиналето од елитното натпреварување на УЕФА.

Третолигашот Граменет ја предводи и листата на клубови против кои Меси нема дадено гол. Во тој список има место и за Кадис (Меси еднаш играл против овој ривал во 2005 година и имал асистенција), Мурсија (играл еднаш во 2008 година и имал две асистенции), како и Херес (играл два пати и имал една асистенција). Овие клубови сега играат во пониските лиги во Шпанија и единствена шанса за Меси да им даде гол е да се сретнат во Купот на Шпанија.

Од клубовите надвор од Шпанија, капитенот на Барселона нема погодено против Ал-Сад (играше во 2011 година во полуфиналето на Светско клупско првенство), Удинезе (играше во 2005 година во ЛШ), Бенфика (два пати играл во 2013 година во ЛШ), Рубин Казањ (четири меча во ЛШ во 2009 и 2010) и Интер (четири меча во ЛШ).

Меси во досегашната кариера има дадено 627 голови, а најмногу има погодувано против Севилја, дури 38 пати, а потоа следуваат Атлетико Мадрид (31 гол) и Реал Мадрид (26 голови). На меѓународната сцена најмногу има погодувано против Арсенал, дури деветпати, а на Милан му има дадено осум голови.

 

- Оглас -

Најнови вести