Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје го доживеа најтешкиот пораз во историјата на своите настапи во регионалната АБА лига откако вечерва беше демолиран од Партизан во Белград со 120:67.
Највисокиот пораз на МЗТ Скопје во АБА-лигата беше во претпоследниот негов настап во регионалното натпреварување, во сезоната 2017/18, кога загуби од Будуќност со 104:62, но вечерва поразот беше изразен дури со 53 поени. Металците вечерва за шест поенни се спасија и Задар остана неславен рекордер со најубедлив пораз (120:62 од Цедевита) во АБА-лигата.
Уште во првата четвртина стана јасно дека Партизан ќе слави убедлив триумф бидејќи ја доби со 29:15 и од минута во минута ја зголемуваше предноста, па на крајот славеше дури со 53 поени разлика.
Згора на тоа, Партизан го собори и сопствениот рекорд во АБА-лигата за најмногу постигнати поени на еден натпревар, претходниот беше 117 поени, а од вечерва е 120.
Најпрецизен кај Партизан беше Смаилагиќ со 24 постигнати поени, додека кај МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски даде 16, Кафи 14, а Вер и Војдан Стојановски дадоа по 10 поени.
Металците со новиот пораз останаа заковани на дното на табелата со две победи и 13 порази по 15 кола, а во следното коло ги очекува дуел со Будуќност во Скопје. Натпреварот ќе се игра за пет дена.