Саботната средба со Татран Прешов од 7. коло на СЕХА лигата, е фокусот кон кој е насочен ракометниот клуб Металург, после серијата порази во меѓународните натпреварувања.
Халил Јагањац преоѓа во Нексе, откако ги договорил сите услови, па Металург останува без него, и веројатно нема да настапи со Татран. Празнината ќе се обидат да ја затворат со ангажирањето на Александер Шпенде.
Тренерот Данило Брестовац после поразот од Железничар Ниш рече дека тимот е заморен, но оптимист е дека во иднина ситуацијата ќе биде подобра.
„Натпреварот со Татран е последен од овој прв циклус пред паузата. Влезени сме во лош ритам. Овие средби, паралелно во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата, како да земат замав и изгледаме уморно и исцрпено, особено на левата страна. Се надевам дека ќе го имаме и новиот играч Шпенде кој ќе ни помогне. Се надевам дека ќе покажеме дека сме на прав пат. Татран има поквалитетен состав и е подобар од Железничар, но се надевам дека на следниот меч ќе бидеме многу подобри“, – изјави Данило Брестовац.
Средбата со Татран Прешов се игра в сабота, со почеток во 20.15 часот, и ќе има хуманитарен карактер, а влезниците ќе чинат 100 денари. Приходот ќе се донира за лекувањето на малата Дарија, која поради предвременото раѓање е во критична состојба и е задржана во единствената приватна клиника која нуди стручна нега за нејзиното закрепнување.