МЗТ Скопје е првиот финалист во Првата кошаркарска лига на Македонија откако славеше со 87:77 во третиот полуфинален дуел против Гостивар. Аеродромци со метла, одноно 3-0 во серијата ги елиминираа избраниците на Марјан Србиновски повторно ќе се борат за трофејот во домашното првенство, а таму ќе го чекаат подобриот од серијата меѓу шампионот Работнички и Блокотехна.
Како и во претходните две средби, гостиварци тргнаа амбициозно и парираа во воведните минути. Сепак, една одлична серија од 13-0 на МЗТ во вториот период ги доведе во поволна позиција и +10 предност по првото полувреме. Иако гостите не се предаваа, кошаркарите на Ѓорѓи Кочов имаа решение за секоја закана, па со голема самодоверба до самиот финиш ја задржаа контролата на мечот.
Како најсилно оружје под обрачите, доминираа Иванов со 21 поен и Самарџиски со 18 поени, а искусниот центар запиша трипл-дабл учинок со 13 скока и 10 асистенции, додека Стојановски застана на 17 поени за тимот на МЗТ. Костоски со 17 поени беше најефикасен од редовите на Гостивар, по 16 постигнаа Фурстингер и Димитриевски.
Во овие моменти се игра третиот дуел меѓу Работнички и Блокотехна, а серијата по два меча е израмнета на 1-1.