„Метли“ за Тампа беј и Питсбург, Вегас одигрa без грешка

Колумбус блу џекетс го приреди најголемото изненадување во првата рунда од разигрувањата во НХЛ-лигата. Со 4-0, односно „метла“, ја елиминираа Тампа беј лајтнинг, најефиксната екипа од регуларниот дел од сезоната, која запиша 62 победи од вкупно 82 меча. Ноќеска Колумбус славеше со високи 7-3 на домашен терен и е првиот патник во четвртфиналето, односно конференциското полуфинале од Источната конференција.

Како и во претходните дуели, Блу џекетс го зададоа првиот удар и поведоа со 2-1 во првата третина. Пакети и Поинт ги одржуваа гостите во игра, но целиот труд беше залуден откако Тампа беј ризикуваше во последните минути од мечот и го остави празен голот, овозможувајќи им на хокеарите на Колумбус да постигна лесни три гола за потполна доминација.

Колумбус во следната рунда го чека подобриот од Бостон бруинс и Торонто мејплс лифс, а „јаворовите листови“ водат со 2-1 во таа серија.

Њујорк ајлендерс, по стапките на Колумбус, со „метла“ против Питсбруг пингвинс го продолжија походот во разигрувањата. За вкупно 4-0 во серијата, „островците“ ноќеска славеа со конечни 1-3 на гости, па во следната фаза најверојатно противник ќе им биде актуелниот шампион Вашингтон капитолс, кој води со 2-1 во серијата против Каролина хурикејнс.

Вегас голден најтс поведе со 3-1 против Сан Хозе шаркс. Вицешампионот славеше со убедливи 5-0 на домашен терен и се најде во пол-позиција за пласман во четвртфиналето.

Неизвесна е серијата меѓу Сент Луис блус и Винипег џетс, каде што исходот по четири средби е 2-2. Винипег се реваншираше за двата порази на домашен терен и на идентичен начин им возврати на Сент Луис, а од овој пар ќе следуваат нови возбудувања.

Винипег со погодокот на Конор во шестатата минута од дополнителниот период победи со конечни 2-1, па Џетс сега имаат шанса целосно да ја свртат серијата во своја корист бидејќи следниот меч се игра пред нивна публика.

- Оглас -

Најнови вести