Искусните кошаркари родени во Гостивар, Слободан Михајлоски и Бранко Јанески, се вратија во клубот од нивниот роден град и во следниот период ќе ја зголемат ротацијата на центарската и крилната позиција во тимот на тренерот Марјан Србиноски.
Михајлоски и Јанески, кои во минатата сезона настапуваа за АВ Охрид, ги завршија сите формалности и уште денеска ќе се приклучат во тренинзите.
Михајлоски има 36 години и по 13 години се враќа во тим од родниот град. Во меѓувреме, ги носеше дресовите на Фени индустри, Работнички и АВ Охрид.
Јанески има 31 година, кариерата ја почна во Гостивар, од каде што прејде во МЗТ Скопје. Бил член уште на Фени, АБА Струмица, Т-баскет Тетово и АВ Охрид.
Екипата на Гостивар во првото коло минимално го совлада Кожув, а во недела ќе гостува кај Куманово, во можеби најинтересниот меч во второто коло, од кој ќе има и телевизиски пренос.