Михајловиќ се налути на јапонскиот селектор: Па јас да играв ќе дадев гол против Монголија

Болоња синоќа загуби на свој терен со 0:1 од Интер, а единствениот гол го даде Ромелу Лукаку во првото полувреме. Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ беше лут и разочаран затоа што во 34 минута мораше да направи принудна измена, по повредата на Такехиро Томијасу.

Според Михајловиќ, голем удел во повредата на Јапонецот има неговото долго патување, за да игра за репрезентацијата во мечот против Монголија. Јапонија забележа историска победа од 14:0 против слабиот ривал, а српскиот стратег смета дека играчот на Болоња воопшто не требало да патува за да игра на натпревар на кој предвреме се знае победникот.

„Победија со 14:0, а го пуштија Томијасу да игра. Зарем толку им беше потребен? Па и јас да играв, ќе им дадев гол на Монголија“, рече лутиот Михајловиќ, кој потоа малку ја смири топката и додаде дека секој тренер има своја стратегија. „Не можам да се мешам во работата на другите тренери, но навистина мислам дека на некои натпревари, дел од играчите може да одморат“, вели стратегот на Болоња.

По 29 одиграни кола, Болоња има освоено 34 бодови и е сигурна на средината на табелата во Серија А.

 

- Оглас -

Најнови вести