Михајловиќ: Утнав повеќе пенали, отколку слободни удари

Поранешниот фудбалер, а сега тренер, Синиша Михајловиќ, во интервју за италијанските медиуми кажа дека често се шегува оти во кариерата утнал повеќе пенали отколку слободни удари, а откри и дека тој му предложил на Вујадин Бошков во 1993 година да му даде шанса да дебитира на тогаш талентираниот Франческо Тоти.

После настапите во Војводина и Црвена Ѕвезда каде се покажа како мајстор за изведување на слободни удари, Михајловиќ почна интернационална кариера, во 1992 потпиша за Рома која во тоа време ја водеше неговиот сонародник Вујадин Бошков.

„Секогаш на ист начин го земав залетот, па голманите не знаеја на која страна ќе шутнам. Пред да го направам последниот чекор пред шутот, погледнував каде е голманот. Со играчите често се шегувам дека во кариерата имам промашено повеќе пенали, отколку слободни удари. Играв фудбал поради слободните удари, инаку омилен спорт ми беше кошарката“ – вели Михајловиќ кој во минатата сезона го водеше Торино, а сега е без ангажман.

Синиша потсети дека во 1993 година, кога Рома водела со 2-0 на 15 минути пред крајот на дуелот со Бреша, му рекол на тогашниот тренер Бошков да го стави младиот Тоти во игра. Тоти дебитираше и потоа стана најголемата легенда на клубот од Рим.

- Оглас -

Најнови вести