Српскиот тренер Синиша Михајловиќ во летото 2018 година одлучи да си замине од Торино и да ја прифати понудата од Спортинг Лисабон. Сепак, само по 12 дена поминати во Спортинг, дојде до смена на структурата на челниците во клубот. Новите први луѓе на клубот едноставно не го сакаа Михајловиќ за тренер, па бараа најразличен начин како да го избркаат Србинот, а притоа да не платат обесштетување.
По ангажирањето на поголема група адвокати, Михајловиќ доби отказ под изговор дека 12 дена биле пробен период во кој Синиша не задоволил и затоа морал да си оди од клубот.
Михајловиќ никако не сакаше да се помири со таа приказна дека не ги поминал пробните 12 дена во клубот и реши да ги тужи. Спортскиот суд во Лозана пресуди во корист на тренерот, па Спортинг мораше да му исплати на Михајловиќ три милиони евра само за 12 дена поминати во клубот.
Во Спортинг дури може да бидат задоволни од оваа одлука на Судот бидејќи Михајловиќ бараше 10 милиони евра за тие 12 дена во Спортинг. Михајловиќ сезонава работеше во тимот на Болоња во Италија, а во исто време помина неколку месеци во борба со тешката болест леукемија, која според последните информации, успеа да ја победи.