Михајло Михајловски, претседателот на РК Вардар 1061, најави повлекување од функцијата во најблиска иднина. Оставката ќе се случи во моментот кога клубот ќе се стабилизира финансиски, односно ќе ги подмири долговите поради коишто беше исфрлен од Лигата на шампионите.
„Имав некоја замисла и пред да се случи ова со ЕХФ, да го спасам Вардар и да се повлечам. И на играчите им соопштив дека планирам да се повлечам, но првично да ги расчистиме сите долгови бидејќи не сакам клубот да го оставам на цедило. Посакувам Вардар да добие стабилност, да се обезбедат нови спонзорства со кои повторно ќе се вратиме онаму каде што ни е местото“, посочи Михајловски, па потврди каков ќе биде кадарот на екипата за следната сезона.
„На тренерското место ќе остане Владо Недановски, остануваат домашните играчи, додека треба да се разговара со Томовски и Дибиров, кои се на одмор“, додаде претседателот.