Раководството на Милан стапило во контакт со Челзи и Кристал палас за да ги провери условите под кои би можеле да ги доведат напаѓачите Николас Џексон и Жан-Филип Матета, пренесуваат италијанските медиуми. Росонерите се во потрага по нов голгетер, но буџетот им е ограничен, па бараат поволни решенија.
На „Сан Сиро“ се надеваат дека Челзи ќе биде подготвен да се раздели со Џексон по пристигнувањето на Лијам Делап и Жоао Педро, па се разгледува опција за позајмица со клаузула за откуп следната година. Џексон зад себе има променлива сезона во која постигна 13 гола и додаде шест асистенции во 37 натпревари, но беше често критикуван поради големиот број промашувања.
Од друга страна, Жан-Филип Матета блескаше во дресот на Кристал палас, постигнувајќи 17 гола и четири асистенции, и имаше голем удел во освојувањето на ФА купот. Французинот има 28 години и договор на уште две сезони, но Милан се надева дека Кристал палас би можело да го продаде сега за околу 30 милиони евра, користејќи ја моменталната висока форма на напаѓачот. Постојат и надежи дека самиот играч би можело да изврши притисок за трансфер.
Во меѓувреме, Милан ги започна подготовките за новата сезона под водство на новиот тренер Масимилијано Алегри. Се шпекулира дека негова прва желба е Душан Влаховиќ од Јувентус, но Србинот засега нема намера да го напушти Торино.