Милан Гуровиќ откри кој е човекот кој стана само три секунди пред да биде смртоносната катастрофа во Нови Сад

Цела Србија е завиена во црно по незапаметената трагедија која вчера се случи во Нови Сад, кога се сруши бетонска надстрешница на Железничката станица. Дури 14 луѓе загинаа во оваа трагедија, а уште неколкумина се потешко повредени и се борат за живот. Меѓу загинатите е и Македонецот Васко Саздовски (45 години).

Кратко по несреќата, се појави и видео снимка од овој трагичен настан, а впечатливо беше како еден човек кој седи на клупата, станува и заминува и тоа само неколку секунди пред да се случи катастрофата.

Српски „Курир“ успеа да го открие идентитетот на човекот, а тоа е 75-годишниот Арсен Којиќ од селото Кач кое е во близина на Нови Сад. Среќниот Којиќ е кум на некогашниот капитен на српската кошаркарска репрезентација, Милан Гуровиќ. самиот Гуровиќ откри што се случило и како среќата била на страна на Којиќ.

„Тоа е мојот стар кум, односно татко на мојот венчален кум. Арсен вчера со својот син, кој е мој кум, седеле во една кафетерија во близина на Железничката станица, каде пиеле кафе. Стариот кум некаде околу 11:30 часот го испил кафето, се поздравил со синот и тргнал кон станицата, да чека автобус за Кач. Тоа е местото каде што живее“, раскажува Гуровиќ, кој потоа открива како судбината била на страна на 75-годишниот човек.

„Стариот кум не сакал синот да го одведе со кола, туку сакал да се прошета со автобус. Седнал на една клупа под настрешницата и чекал да му дојде автобусот. Во еден момент забележал дека автобусот доаѓа и станал од клупата. Направил неколку чекори и потоа настрешницата се срушила. Останал неповреден, но во шок. Кој знае што би било ако автобусот задоцнел неколку секунди“, вели Гуровиќ.

Гуровиќ со српската репрезентација беше европски (2001 година) и светски првак (2002 година).

 

- Оглас -

Најнови вести