Доминик Ливаковиќ брани импресивно на Мундијалот во Катар и хрватскиот репрезентативец сигурно ќе биде во најтесниот круг за најдобар голман на турнирот, а најсреќни се динамовци.
Ливаковиќ одбрани дури четири пенали во две успешни пенал-серии на Хрватска, против Јапонија во осминафиналето и со Бразил, вчера во четвртфиналето и е меѓу најзаслужните за новиот подвиг на Коцкестите кои ќе играат полуфинале со Аргентина.
Интересно е што Доминик, кој има 27 години, а веќе 7 е во Динамо Загреб во последните неколку преодни рокови постојано беше на чекор од добар трансфер во странство, но без реализација.
Најпрво француски Рен не сакаше да плати отштета од околу 7-8 милиони евра, а потоа за 10 милиони евра можеа да ги купат Милан и Лацио, но и тие обиди за преселба на Ливаковиќ пропаднаа.
И тоа повторно на дело ја покажа умешноста на Управата на Динамо Загреб, која си ги цени своите играчи и не попушта да заминат за помала сума од таа што ја имаат планирано за трансфер.
Сега заслужено тријат раце, а според проценките по фантастичните настапи на Ливаковиќ во Катар, сега тој вреди најмалку 15 милиони евра.
Така најавуваат дел од хрватските медиуми, дека Динамо Загреб ќе бара токму толкава отштета за да му дозволи на својот голман да си замине од Максимир.