26.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Милан како домаќин ќе игра 13.500 километри далеку од „Сан Сиро“!?

Дуелот меѓу Милан и Комо во италијанската Серија А може да влезе во историјата како прв од најсилните лиги во Европа, што ќе се игра надвор од татковината. Веќе некое време се прават планови овој натпревар да се одигра во Австралија.

Идејата отиде чекор напред откако челниците на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) дадоа „зелено светло“ за овој меч, кој на програмата е на 6 февруари 2026 година, да се одигра во Перт, Австралија.

Ако тоа се случи, Милан ќе биде домаќин на дуел од Серија А, и тоа на стадион кој е 13.500 километри одалечен од нивниот дом „Сан Сиро“.

Целата идеја овој меч да се игра во Австралија започна откако стана јасно дека Зимските олимписки игри ќе го имаат своето отворање на 6 февруари токму на „Сан Сиро“ во Милано.

„Федерацијата даде позитивно мислење околу барањето мечот меѓу Милан и Комо од Серија А да се игра во Перт. Ова е чекор напред во остварување на историскиот подвиг, еден меч од Серија А да се одигра во странство“, стои во соопштението на ФИГЦ.

Сепак, постои сложен процес за реализација на оваа идеја. Сега е потребно да се добие дозвола и од Фудбалската федерација на Австралија, потоа од УЕФА, Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) и ФИФА.

Во Италија веќе три сезони по ред Суперкупот се игра во Саудиска Арабија, но никогаш немало меч од првенството да се игра надвор од земјата.

 

- Оглас -

Најнови вести