Милан направи подвиг што не се памти од легендарната генерација на Ван Бастен, Гулит, Барези, Малдини, Рајкард…

Милан си обезбеди место во Лигата на Европа, откако синоќа со стил и победа од 3:0 ја заврши сезоната во Серија А. Росонерите може да жалат што сезоната завршува, затоа што во последниве два месеци играа во речиси перфектна форма.

По враќање од паузата поради Коронавирусот, Милан игра неверојатно добро. Иако се играше во забрзан ритам на секои 3-4 дена, Росонерите во ниту еден момент не киксираа, па на крајот имаа девет победи и само три нерешени во последните 12 меча.

Овој биланс од 12 средби без пораз гигантот од „Сан Сиро“ го немал многу долго. Последен пат Милан успеал да ја заврши сезоната без ниту еден пораз во последните 12 натпревари пред речиси 30 години.

Легендарната генерација на Милан од сезоната 1991/92 која ја освои титулата во Серија А имаше 12 последни меча без пораз во првенството. Дел од таа генерација беа играчи како Марко ван Бастен, Даниеле Масаро, Франк Рајкард, Руд Гулит, Карло Анчелоти, Деметрио Албертини, Франко Барези, Алесандро Костакурта, Мауро Тасоти, Паоло Малдини…

Таа генерација на Милан не само што имаше 12 последни меча од сезоната без пораз, туку во таа сезона станаа прваци без ниту еден пораз во Серија А. Тоа е генерацијата која немаше загубено на 58 натпревари по ред во првенството, во периодот од 1991 до 1993 година.

Денешниот Милан сигурно ја нема силата на таа генерација, но сепак, предводен од Златан Ибрахимовиќ успеа да стигне до 12 средби без пораз и да потсети на славните денови на некогашниот гигант од Милано.

 

- Оглас -

Најнови вести