Некогашниот италијански и европски првак Милан вчера прослави 121 година од формирањето. Клубот кој е вториот најтрофеен во Италија, зад Јувентус, веќе 10 години чека да се израдува на ново Скудето. По 12 одиграни меча, Росонерите се предводници на табелата во Серија А, но синоќа тимот киксираше на гостувањето кај Џенова откако одигра само 2:2.
Иако гостите беа големи фаворити пред мечот, на крајот може и да се задоволни што си заминаа непоразени затоа што Џенова имаше предност од 1:0 и 2:1. Калулу погоди за Милан во 83-тата минута и израмни на 2:2, а тоа беше погодок со кој се постави и еден рекорд во италијанското првенство.
Милан стана првиот тим кој успеа на 14 меча по ред да постигне барем по два гола на меч. Претходниот рекорд го држеше Торино кога во далечната 1948 година имаше 13 средби на кои барем по двапати ја тресеше мрежата на противникот.

