Милан не покажа дека е над нас, ниту во Белград, ниту во Милано

Црвена ѕвезда во двата меча против големиот ривал Милан остана непоразена и само поради помалкуте погодоци дадени на гостински терен, испадна од Лигата на Европа. Српскиот првак синоќа одигра 1:1 на „Сан Сиро“ во Милано, а италијанскиот тим оди понатаму благодарение на 2:2 на дуелот во Белград.

Тренерот на Црвена ѕвезда, Дејан Станковиќ, беше презадоволен и горд на своите фудбалери што успеаја да парираат против Милан, и тоа во двата меча Црвено-белите завршуваа со играч помалку на теренот.

„Убавиот европски пат, за жал, за нас заврши. Можеби заслуживме повеќе. Милан не докажа дека е над нас, ниту во Белград, ниту во Милано. Воодушевен сум од фудбалерите кои само со еден поглед знаеја што треба да прават. Јас ги гледам како победници и секогаш за мене тие ќе бидат победници“, рече Станковиќ по синоќешниот дуел во Милано.

Голманот на Ѕвезда, Милан Борјан, беше полн со емоции, велејќи дека никој не очекувал дека Милан на свој терен ќе се брани од Ѕвезда, која беше и со играч помалку.

„Во двата меча бевме со играч помалку речиси еден час. Сите играчи треба да се горди затоа што еден Милан се бранеше против нас на „Сан Сиро“, а имаа играч повеќе на теренот. Мораме да продолжиме во овој ритам“, рече чуварот на мрежата на Ѕвезда, Борјан.

 

- Оглас -

Најнови вести