Само уште едно коло останува до крајот на првенството во Серија А, а веќе е јасно дека Милан ќе остане без настап во европските купови за следната сезона. Милан синоќа загуби со 1:3 на „Олимпико“ од Рома и остана на 60 бодови и е на деветото место на табелата, без шанси да стигне до позиција која води излез во Европа.
Тренерот на Росонерите, Сержо Консеисао, беше разочаран, а вината за неуспех ја најде во судиските одлуки, односно ВАР-системот.
„ВАР и АВАР денес беа исти како на дуелот против Болоња. Не велам дека немаше црвен картон за Хименес, не го видов, но имаше идентична ситуација со Матео Габија и истиот ВАР и АВАР не го повикаа судијата таму“, рече разочараниот Консеисао.
Пред неколку дена Милан загуби во финалето на Купот од Болоња, а сега и по овој пораз во првенството, Росонерите нема начин како да играат во Европа.
„Признавам дека требаше да направиме многу повеќе во финалето, но овие детали стануваат тешки за одржување. Знаевме дека ќе имаме тежок меч против Рома на гости, а само што започна откако останавме со 10-мина играчи. Се обидовме да дадеме сè од себе, Рома едвај ја допираше топката подолги периоди во првото полувреме и чувствував дека можевме да победиме. Не можеме да примиме гол во таква фиксна игра. Имавме шанси со Лука и Рафа да постигнеме гол, но останавме без сила и Кристанте го постигна третиот“, вели Консеисао, кој синоќа доби црвен картон во второто полувреме, и тоа поради негодување по некои судиски одлуки.