Милан победи, но Гатузо пак мораше да се правда

По три нерешени натпревари, Милан синоќа се радуваше на триумф, и тоа на тешкото гостување кај Сасуоло. Некогашниот италијански и европски првак беше убедлив и славеше со 4-1 против екипата која имаше победено на претходните три меча на свој терен.

Со овој триумф, тренерот на „росонерите“, Џенаро Гатузо, си „купи“ малку мир и останување на клупата на тимот од „Сан Сиро“. Сепак, и покрај победата, Гатузо по мечот со Сасуоло, мораше да одговари зошто од клубот летоска си заминал Андре Силва. Тоа е играчот кој отиде под наем во Севилја, каде што игра одлично. Силва во седум меча во Шпанија има дадено седум погодоци.

„Андре Силва не сакаше да остане со нас. Рече дека сака да си замине и кога го слушнав тоа, не можев ништо да направам. Што можев да направам? Не можев да му гарантирам дека ќе игра 25-30 натпревари во сезона. Никој не се откажа од него, туку тој самиот сакаше да си замине“, објасни Гатузо.

Португалецот во минатата сезона во дресот на Милан одигра 40 средби и даде вкупно 10 погодоци во сите натпреварувања.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести