Италијанскиот гигант Милан убедливо со 3:0 го победи Лече во меч од 31 коло на италијанската Серија А. Росонерите со овие три бода стигнаа до 68 бодови и се зацврсти на второто место на табелата и веќе тимот од „Сан Сиро“ може да го слави пласманот во Лигата на шампиони за следната сезона, затоа што има дури 16 бодови повеќе од петопласираната Рома.
Уште во првите 20 минути од мечот, Милан ги реши сите дилеми околу победникот против Лече. Кристијан Пулишиќ погоди за 1:0 во шестата минута, а веќе во 20 минута беше 2:0 за домаќинот и тоа благодарение на погодокот на Оливие Жиру.
Работата за Лече стана уште потешка кога Никола Крстовиќ доби директен црвен картон во 45 минута од мечот. На почетокот од второто полувреме погоди и Рафаел Леао и беше јасно дека трите бода ќе останат на „Сан Сиро“.

