Италијанскиот гигант Милан има сериозен интерес кон бекот на Манчестер сити, Кајл Вокер, и напаѓачот Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед.
Росонерите се еден од сериозните претенденти за 34-годишниот Вокер кој реши да го смени клубот, а и менаџерот Пеп Гвардиола синоќа го потврди тоа. Милан за да го купи Вокер на кого договорот со Сити му трае до 30-ти јуни 2026 година, ќе мора да продаде некого.
Интерес за Вокер има и од Саудиска Арабија, па останува да се види која понуда ќе ја прифати, во секој случај сака да игра во странство, не во друг англиски клуб.
Советникот на Милан, Златан Ибрахимовиќ го коментираше евентуалниот потпис на Маркус Рашфорд. Имаше информација дека Росонерите веќе дале понуда до Манчестер јунајтед за позајмица со опција за купување.
„Го познавам Рашфорд многу добро, играв со него кога беше млад. Сега порасна и докажа дека е силен фудбалер. Мислам дека не треба да го убедувам да дојде бидејќи Милан е еден од најголемите клубови во светот, сите сакаат да играат тука. Во моментов тоа е сложена операција, се уште не сме комуницирале со него“, изјави Ибрахимовиќ.