Резултатската криза на Милан продолжи и по поразот кај Наполи, во дербито на 30 коло во Серија А. Наполи водеше со 2:0 уште во почетните 20 минути, а до крајот на дуелот Милан постигна само почесен погодок во 84 минута.
Росонерите и порано можеа да постигнат погодок, но Сантијаго Хименес промаши пенал во 69 минута. Ова беше четврти пораз во последните шест кола во Серија А за Милан и тимот сега е дури на деветото место на табелата со само 47 бодови. Тоа значи дека постои голема веројатност Росонерите воопшто да не обезбедат излез во Европа за следната сезона.
Промашениот пенал на Хименес беше вкупно четврти за Милан сезонава во Серија А. Ниту еден друг тим во италијанското првенство нема толку промашени пенали. Ако се погледнат реализациите на екипите кои се во Топ 5 лигите, Милан сега е на делба на лидерското место по бројот на промашени пенали.
Досега единствено бундеслигашот Фрајбург имаше четири промашени пенали, а сега и Милан е во ова друштво. Милан вкупно имаше девет пенали, што значи дека имаат нешто над 50 отсто реализација. Освен Хименес, пенал за Милан сезонава промашуваа и Тео Ернандес, Тами Абрахам и Кристија Пулишиќ.