Милан се надева дека со помош на Јувентус повторно ќе стане голем клуб

Некогашниот италијански и европски првак Милан со години се мачи да се врати на старите победнички патеки. Росонерите не само што не се конкурентни во трката за медалите, туку сезонава дури и се откажаа од евронастапите, па фокусот е само на домашните мечеви.

Иако се надеваше дека конечно ќе му тргне, Милан ја игра најлошата сезона во Серија А откако победата се бодува со три бода. По 11 одиграни кола, Милан има само 13 бодови и е на 11-тото место на табелата. Јувентус е лидер со 29 бодови, односно повеќе од двојно од тоа што освои Милан досега.

В недела Милан го има можеби најголемиот предизвик, ќе гостува во Торино кај Јувентус. Некогаш овие мечеви беа дерби кои решаваа за титулата, а сега Старата дама е апсолутен фаворит. Сепак, директорот на Милан, Иван Газидис, верува дека токму овој натпревар може да биде пресвртница за Росонерите.

„Нашиот тим е млад и уште се развива. Викендов играме против најдобриот италијански тим. Уверен сум дека може да одиграме добро против Јувентус. Мислам дека овој меч може да ни помогне Милан да го вратиме на вистинскиот пат и повторно да станеме голем клуб“, вели Газидис.

 

- Оглас -

Најнови вести